Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

Учење од холандското искуство: Помагање на жртвите на насилни кривични дела да добијат правда преку надоместок на штета

Делегација од неодамна формираната Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство (Комисијата), беше на тридневна студиска посета во Хаг – Холандија, поддржана од ЕУ и Советот на Европа. Посетата имаше за цел да ги обезбеди најдобрите холандски практики и да ги разјасни повеќекратните предизвици со кои се соочува Комисијата во однос на критериумите за доделување на компензација, стандардот на докажување и документацијата за претрпените повреди.

Членовите на комисијата од Северна Македонија се сретнаа со клучни холандски соговорници кои им помагаат на жртвите на насилни и сексуални кривични дела да ја бараат правдата или  им доделуваат надоместок за незаконски акти кои ги кршат нивните човекови права. Тие разменија искуства и научија повеќе за механизмите и системите за доделување надоместок на жртвите на насилни кривични дела на конзистентен начин, сензитивен кон жртвите. Холандските правосудни власти ги објаснија критериумите и праговите кои се користат во кривичните и граѓанските постапки за да се процени и да им се додели материјална и нематеријална штета на жртвите во Холандија. Претставниците на холандскиот Државен фонд за компензација, тело со сличен мандат на Комисијата, ги споделија своите едноставни и достапни процедури за барање надоместок, дури и кога не се води судска постапка. Тие објаснија како износите за надоместок на жртвите се одредени согласно сериозноста на претрпените повреди, а овие информации се јавно достапни. Во Холандија, постојат повеќе начини на остварување на отштетно побарување за жртвите на насилни кривични дела. За да се зголемат шансите на жртвата да добие надоместок, постои добро воспоставена шема за авансна исплата, доколку сторителот не  ја плати компензацијата доделена на жртвата од страна на судот.

Компензацијата не само што им помага на жртвите да започнат нов живот, туку исто така покажува дека општеството ја признава неправдата што ја претрпеле. Таа го поддржува процесот на заздравување и им помага на жртвите да ги надминат негативните ефекти од овие трауматични искуства за подобра иднина.

Студиската посета беше организирана од страна на проектот “Зајакнување на активностите против трговијата со луѓе во Македонија“, дел од иницијативата за соработка на Европската унија и Советот на Европа “Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“. 

ПРЕЗЕМЕНО

Skip to content